Во пресрет на новото Светското првенство на кое Македонија повторно ќе настапува, во јануари 2023 во Полска и Шведска, како најава и загревање на ракометниот јануари ќе има ревијален меч меѓу некогашните репрезентативни ѕвезди и генерацијата што доаѓа. Мечот треба да биде и официјално простување за некои од досегашните ракометари кои веќе се „пензионери“.
Генерацијата 2009 година која го скрши мразот по десетгодишна пауза, заедно со оние што настапија 2012 и го постигнаа најголемиот репрезентативен успех, петто место на ЕП во Србија, ќе играат против тимот што треба да продолжи по нивниот пат и ќе игра на Светско, пишува „24 Ракомет“.
На теренот би требало да играат: Кире Лазаров, Раде Стојановиќ, Ванчо Димовски, Филип Лазаров, Стевче Алушовски, Филип Миркуловски, Стојанче Стоилов, Наумче Мојсовски други и да одиграат натпревар против Жарко Пешевски, Никола Митревски, Мартин Томовски, Филип Талески, Филип Кузмановски, Гоце Георгиевски… Некои веројатно ќе играат и за двата тима, како Дејан Манасков, а сегашниот селектор на сениорите Кирил Лазаров ќе биде и играч и тренер.
На клупата би требало да бидат Илија Темелковски и Звонко Шундовски, зад чие име стојат успесите . Натпреварот би требало да биде простување од дресот со националниот грб за оние ракометари кои веќе ги завршија своите играчки кариери, а немаа можност да се простат од македонската публика, како Стоилов, Ристовски, Стојановиќ, Митков.
Миркуловски, Лазаров и Стоилов ги одиграа своите последни репрезентативни натпревари во баражот против Чешка за Светското првенство, додека претходно кариерите ги завршија Мојсовски, Алушовски, Димовски.






