Поврзаноста на Велигден со зајакот како симбол: низ историјата се сметале за свети и итри животни

Зајакот е симбол на Велигден за оние кои го слават овој празник според Грегоријанскиот календар, глобализацијата и комерцијализацијата на сите можни празници и обичаи ги внесе Велигденските зајачиња во домовите на верниците кои слават според јулијанскиот календар. Сепак, многумина не знаат зошто зајакот е симбол на Велигден.

Симболиката на бојадисаните јајца им е позната на сите христијански верници, но од каде потекнува зајакот во целата приказна е помалку јасно. Одговорот на ова прашање не е едноставен. Симболите на зајаците се присутни во многу митологии и религии – се сметале за свети, се верувало дека имаат мистична врска со Месечината, а воедно се и симбол на плодноста, пишува Би-Би-Си.

Зајаците се почитувани во келтската митологија, а индијанските племиња ги сметале за итри измамници.

Слични приказни може да се најдат во легендите од Централна Африка, но и денес – не е тешко тие симболи да се поврзат со познатиот Душко Долгоушко. Во британскиот фолклор, вештерките можат да се претворат во зајаци, а во многу други култури тие се сметаат за симбол на добра – или лоша – среќа. Зајаците се брзи и агилни, поради што се сметаат за мистериозни и итри.

Зајакот и плодноста
Повеќето христијански симболи, доаѓаат од Библијата, иако некои преживеале од културите на античка Грција и Рим. Во Библијата, може да се најдат различни визии за зајаците. На некои места ги нарекуваат нечисти животни, додека на друго место се наведува дека зајаците поседуваат интелигенција, но сепак се отфрлени поради нивната наводна слабост.

Грчките и римските писатели најмногу биле фасцинирани од нивната плодност. Аристотел напишал дека зајаците се размножуваат со шокантна брзина, а друг влијателен автор, Плиниј Постариот, погрешно верувал дека зајаците се размножуваат толку брзо затоа што се хермафродити, што значи дека и мажјаците и женките можат да раѓаат потомци.

Плодноста на зајаците остави длабока трага на симболиката и уметноста на Европа. Во средновековната и ренесансната уметност, зајаците често биле прикажани покрај Венера, античката римска божица на љубовта. Страста е еден од седумте смртни гревови, а кога уметниците ја прикажувале во алегорична форма, таа често имала форма на жена со зајак.

Некои Римјани верувале дека зајаците можат да се размножуваат без парење, и поради тоа преовладувале спротивставени мислења во средновековна и ренесансна Европа во која зајакот истовремено бил симбол и на сексуалноста и на целомудрието, во зависност од контекстот.

Другите религии во Европа ги сметале зајаците за симболи на плодноста и ги поврзувале со божествата на репродукцијата. Англосаксонската божица Еостре честопати била прикажувана во друштво на зајаци бидејќи ја претставувала плодноста и новиот живот на пролетта. Се верува дека англиското име за Велигден потекнува од името на божицата Еостре. Ако ова е вистина, тоа значи дека христијанската иконографија одамна ги презела и ги усвоила симболите на постарите, пагански религии и ги мешала со нивните.

Проблемот е што нема доволно докази за оваа теорија. Врската помеѓу Еостра и Велигден ја напишал англискиот монах Беде Преподобниот во осмиот век, но освен неговите текстови, никаде на друго место нема јасна врска помеѓу паганската божица и христијанскиот празник.

Не може да му се верува премногу бидејќи тој не беше директен извор за англосаксонската религија, туку пишуваше од христијанска перспектива.

Никогаш не можеме да го фатиме белиот зајак, исто како во Алиса во земјата на чудата. Низ историјата, зајаците се сметале за свети животни, но и за олицетворение на итроста. Тие беа поврзани со мистериозната чистота на Месечината, со целомудрието и плодноста.

 

Scroll to Top