„Преку Eзерото“ – второ издание на Меѓународниот филмски фестивал под отворено небо во Дојран

Од 19 до 23 јули во Дојран ќе се одржи второто издание на филмскиот фестивал „Преку Езерото“.

Фестивалот ќе биде отворен со најдоброто иранско остварување во последните неколку години долгометражниот игран филм „Трета светска војна“, додека од македонската кинематографија ќе биде прикажан краткометражниот игран филм на режисерката Александра Кардалевска „Сценарио“.

Проекциите на филмовите ќе се на крајбрежјето на Дојранското езеро.

„Почнуваме на 19 јули со детската проекција која ќе се одржува до Општината Дојран, сите проекции ќе бидат на отворено со почеток во 20 часот. Ќе има анимиран дел за децата, каде што ќе се објасни филмската култура. Ќе има проекција на плажа, како и во Амфитеатарот во Дојран“, изјави технички директор на фестивалот Владимир Карпузоски.

Фестивалот „Преку Езерото“ има за цел да ги поврзе медитеранската и балканската кинематографија, запознавање на филмските работници, како и студенти.

„Тенденцијата на овој фестивал е да ги прикаже најдобрите филмови и филмските остварувања во она што го нарекуваме свет на подвижните слики. Се стремиме и ќе се стремиме на ова второ издание да бидат присутни најдобрите автори од Медитеранот и Балканот, со единствена цел да се отвори можност за понатамошни идни соработки и копродукции помеѓу македонските и филмски автори и професионалци од другите земји“, рече претседател на советот на фестивалот, Мими Ѓоргоска Илиеска.

Во рамките на фестивалот ќе се одржи и мастер клас со Дарко Бајиќ автор на серијата „Сивиот дом“ којшто има низа филмски остварувања, и има добиено и многу награди. Посебно внимание ќе се обрне на студентите и студентската програма.

„Оваа година има специјална студентска програма, но не само со филмски проекции, туку и со студенти кои ќе бидат присутни во текот на целиот фестивал. Неофицијалниот дел од фестивалот ќе започне со програма за најмалите. Посебна програма за најмалите со посебни предавања, за да се запознаат со седмата уметност со една цел што повеќе филмот да се приближи до најмалите“, истакна Мими Ѓоргоска Илиеска.

Програмата е поделена во две групи. Првата група е официјалната програма која оваа година ја направи селекторот и уметнички директор Небојша Јовановиќ, додека во селекцијата на кратките филмови помагала Ѓурѓица Костадиновска филмофил од Струмица.

„Во официјалната селекција на фестивалот влегуваат пет долгометражни играни филмови и девет краткометражни играни филмови. Фестивалот почнува со најдоброто иранско остварување во последните неколку години долгометражниот игран филм „Трета светска војна“, филм од Грција „Бродвеј“. Втората вечер се отвора со францускиот филм „Траги на диви животни“, и третиот ден на затворањето е турскиот филм „Зухал““, рече Јани Бојаџи, директор на фестивалот.

На првиот ден на отворањето ќе се емитува и македонски краткометражен игран филм, на режисерката Александра Кардалевска „Сценарио“, вториот ќе се прикаже проекција на филмот „Обичната Ели“ на Лавинија Софрониевска од Македонија.

Фестивалот оваа година има специјална програма која се вика „Фокус“ и има цел секоја година да одбира една земја и една кинематографија од таа земја за да можеме на публиката подобро да и ги приближи современите тенденции во балканските и медитеранските кинематографии.

„Оваа година во фокус ја имаме српската кинематографија која е најсилна на Балканот, не само по годишното производство на филмови и ТВ серии, туку и по успесите која таа кинематографија ги постигнува насекаде во светот“, вели Јане Бојаџи.

Првиот ден ќе биде прикажан филмот „Летото кога научив да летам“. Вториот ден ќе биде прикажан филмот на Дарко Бајиќ кој е претседател на жирито и кој одржи мастер клас пред студенти од Србија и Македонија., а за време на мастер класот ќе биде прикажан неговиот филм „Името на народот“. На свеченото затворање, во чест на наградените ќе биде прикажана костимираната српска мелодрама „Беше еднаш во Србија“.

Scroll to Top