Од Светската здравствена организација (СЗО) велат дека луѓето што работат повеќе се склони и кон повеќе пиење алкохол.
Ова е наведено во најновото истражување, во кое се вели дека оние што работат повеќе од 49 часа неделно во просек пијат чаша вино или кригла пиво повеќе од оние што имаат стандардно работно време од 9 до 17 часот.
Експертите велат дека зависниците од работа го користат алкохолот за да се наградат себеси или да се опуштат по долга стресна недела. Истражувањето укажува на поврзаноста помеѓу работните часови и пиењето алкохол.
Во него биле опфатени 105.000 луѓе, а податоците покажале дека оние што работат меѓу 41 и 48 часа неделно во просек пиеле 10,4 грама чист алкохол повеќе од оние што работат меѓу 35 и 40 часа. Тоа е рамно на мало пиво или помала чаша вино.
Бројките растат на дополнителни 17,7 грама чист алкохол кај оние што работат од 49 до 54 часа неделно, што е рамно на половина литар пиво, односно поголема чаша вино.
„Знаеме дека долгите работни часови се стресни, а алкохолот го намалува стресот. По долга и напорна работна недела, сакаме малку да се опуштиме или да се наградиме“, вели авторот на студијата, Лод Годерис, од Универзитетот во Леувен, Белгија.