Премиера на претставата „Народен непријател“ на 9 мај во МНТ

Македонскиот народен театар со премиерата на претставата „Народен непријател“ од норвешкиот автор Хенрик Ибзен, а во режија на Нина Николиќ, на 9 мај ќе го одбележи Денот на Европа.

Улогите во претставата ги толкуваат Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Дарја Ризова, Јана Вељановска, Ана Арсовска, Благој Веселинов, Петре Арсовски, Сашка Димитровска, Александар Михајловски, Нино Леви и Мартин Ѓоргоски.

„Да се каже денес дека некој класик на драмската литература е актуелен, звучи општо кажано. Но, кога ќе го видиме драмскиот текст на Хенрик Ибзен – „Народен непријател“ (напишан во 1882 година), фасцинантно е колку допирни точки гледаме меѓу општеството во кое живееме и она што се врти против доктор Стокман. Драмата совршено кореспондира и со кризата со која нашето општество повторно се соочува – преку исклучувањето на доктор Стокман од заедницата Ибзен вешто ги разоткрива општествениот конформизам и политичкото користољубие, покажува механизам со кој секој поединец што прави обид да зборува за системска неправда автоматски го карактеризира како предавнички и заговорнички“, стои во драматуршката белешка на Тамара Барачков за претставата.

„Народен непријател“ е финалниот продукт од големиот и комплексен проект „Патиштата на хероите“, поддржан од програмата на „Креативна Европа“, а во рамките на повикот за проекти за културна соработка на Западен Балкан.

Scroll to Top