Претставата „Се викам Горан Стефановски“ доби две награди на фестивал во Ниш

Награда за најдобра претстава и најдобра режија на театарскиот фестивал „Театар на раскршќу“  во Ниш освои претставата на Драмскиот театар, „Се викам Горан Стефановски“.

Наградата за најдобра претстава „Се викам Горан Стефановски“ ја доделува жирито на тркалезната маса на критика, а наградата за режија ја доделува стручното жири на фестивалот.

Ова е трето меѓународно гостување на „Се викам Горан Стефановски“ во режија на Бранислав Миќуновиќ. Драмскиот театар годинава имаше забележителни изведби на оваа престава и на гостувањата на ревијалниот фестивал РУТА во Подгорица и на 56. издание на Стеријно позорје во Нови Сад.

Наградите на фестивалот „Театар на раскршќу“ во Ниш ќе бидат врачени вечерва на пригодната свеченост по повод затворањето на третото издание на фестивалот.
Народниот театар од Ниш беше домаќин на шест театарски ансамбли од регионот што учествуваа во натпреварувачкиот дел. Во текот на фестивалската недела се одржаа многубројни промоции, тркалезни маси и работилници со цел да се иницираат копродукциски соработки за афирмација на сличностите и разликите на културниот идентитет на театарската сцена во регионот.

Претставата „Се викам Горан Стефановски“ на Драмскиот театар Скопје беше изведена во саботата на 10 септември. Драматург на претставата е Бранислава Илиќ, драмски писател и професор на Факултетот за драмски уметности во Белград. Претставата е авторска адаптација од изборот на драми и монтажа на сцени од седум драми на Горан Стефановски напишани во периодот од 1987 до 2021 година („Црна дупка“, „Лонг плеј“, „Сараево“, „Казабалкан“, „Хотел Европа“, Euroalian и „Одисеј“). Сценограф на претставата е Александар Дениќ, автор на музиката Влатко Стефановски. Улогите во претставата ги толкуваат актерите: Билјана Драгиќевиќ-Пројковска, Јелена Жугиќ, Софија Куновска, Соња Стамболџиоска, Ана Димитрова, Мето Јовановски, Драган Спасов-Дац, Игор Ангелов, Златко Митрески, Стефан Вуисиќ, Дамјан Цветановски и Саша Димитриевска.
Scroll to Top