„Сè секаде одеднаш“ доби најмногу номинации за Оскар

Научнофантастичниот филм „Сè секаде одеднаш“ (Everything Everywhere All at Once) со 11 номинации ја предводи листата на филмови номинирани за Оскар. Зад него се „Тажачките од Инишерин“ (The Banshees of Inisherin) и „На Западот ништо ново“ (All Quiet on the Western Front), кои имаат по девет.

За најдобар филм оваа година номинирани се „Тажачките од Инишерин“, „На Западот ништо ново“, „Аватар: Патот на водата“, „Елвис“, „Фабелманови“, „Тар“, „Топ ган: Маверик“, „Триаголник на тагата“ и „Жените зборуваат“.

Во категоријата за најдобар глумец се номинирани Остин Батлер, Колин Фарел, Брендон Фрејзер, Пол Мескал и Бил Најхи, а на најдобра глумица Кејт Бланшет, Ана де Армас, Мишел Вилијамс, Андреа Рајсборо и Мишел Јео.

За Оскар за најдобар странски филм ќе се борат „На Западот ништо ново“ (Германија), „Аргентина, 1985“ (Аргентина), „Блиску“ (Белгија), „Тивката девојка“ (Ирска) и „ЕО“ (Полска).

Мартин Мекдона за „Тажачките од Инишерин“, Даниел Кван за „Сè секаде одеднаш“, Стивен Спилберг за „Фабелманови“, Тод Филд за „Тар“ и Рубен Естлунд за „Триаголник на тагата“ се номинирани во категоријата најдобар режисер.

Актерите Риз Ахмед и Алисон Вилијамс, денеска, во театарот „Семјуел Голдвин“ во Калифорнија ги објавија имињата на номинираните во 23 категории.

95-тото доделување на „Оскарите“ ќе се одржи на 12 март во театарот „Долби“ во Лос Анџелес, а водител, по неколку години, повторно ќе биде комичарот Џими Кимел.

Scroll to Top