Село на Антарктикот во кое може да живеете само ако сте оперирани од слепо црево

Вила Лас Естрелас е името на чилеанското село кое се наоѓа на Антарктикот. Тоа е всушност истражувачка станица и воена база која е оддалечена 1.000 километри од првата голема болница, така што луѓето можат да се преселат овде само откако ќе направат операција на слепото црево.

Ова правило важи за научниците и воениот персонал кои претежно живеат во оваа база, како и нивните семејства.

Во Лас Естрелас има само неколку лекари, но ниту еден од нив не е специјализиран хирург. Токму затоа луѓето мора да бидат подготвени за тоа дека итни операции не можат да се вршат на лице место и да се прилагодат на таквите услови за живот.

Од истата причина, на жените не им се препорачува да забременат додека живеат на базата.

Во текот на летото овде живеат околу 150 жители, а во зима тој број е преполовен. Куќите се направени во светли бои како контраст на сивото и  мрачно време кое овде е секојдневна појава.


Животот на Антарктикот не е лесен, особено во зима кога температурите се спуштаат до -50 степени Целзиусови, поради што на жителите понекогаш не им е дозволено да ги напуштат своите куќи по неколку недели.

Селото е опремено со сите основни институции – имаат мало училиште, пошта и банка, фискултурна сала, но и Руска православна црква и продавница за сувенири. Има дури и хостел со дваесетина слободни места.

Комуникацијата со остатокот од светот се одржува преку сателитски телефони, а училиштето има и неколку компјутери со пристап до интернет.

Scroll to Top