Шпанската принцеза Леонор годинава ќе мора да служи војска

Шпанската престолонаследничка и принцеза Леонор (17) од септември ќе ја започне својата тригодишна обука во војска. Ова го изјави министерката за одбрана Маргарита Роблес.

Додаде дека најстарата ќерка на кралот Филип VI, која во октомври ќе наполни 18 години ќе мора да присуствува на Генералната воена академија на шпанската армија во североисточниот град Сарагоса, оваа и следната академска година.

„Леонор на крај ќе помине една година во поморското училиште во северозападниот регион Галиција и една и една година на Академијата за воздухопловство во југоисточниот регион Мурсија“, рече Роблес.

По состанокот на владата, Роблес појасни дека Кралската палата смета дека Леонор мора да помине воена обука како нејзиниот татко, кралто Филип и како што е вообичаено во другите парламентарни монархии.

„Во последниве години направивме значителни напори да ги вклучиме жените во вооружените сили“, рече таа, а принцезата треба да заврши двегодишно образование на УВЦ Атлантик колеџот во Велс на крајот на мај.

Ако тргне по стапките на татко ѝ , по завршувањето на воената обука ќе оди на универзитет во Шпанија, а потоа ќе магистрира во странство.

За потсетување, кралот Филип VI студирал право на Универзитет во Мадрид, а потоа магистрирал меѓународни односи на Универзитетот Џорџтаун во Вашингтон.

Шпанската кралска палата појасни дека во европските парламентарни монархии се почитува традицијата според која идните шефови на држави мора да имаат и воена кариера.

Во соопштението за медиумите се потсетува и дека според шпанскиот устав, принцезата Леонор ќе стане шеф на вооружените сили кога ќе се качи на тронот.

Шпанската монархија се бори да го поправи имиџот по серијата скандали што ја опфатија во текот на изминатите неколку децении, главно поврзани со поранешниот крал Хуан Карлос, кој абдицира во 2014 година во корист на неговиот син поради случајот за даночна измама во кој беа вклучени членови на кралското семејство.

Тука е и скандалот поврзан со неговото патување во Африка за да лови слонови во време кога Шпанија минуваше низ длабока рецесија. Поранешниот монарх живее во Абу Даби од август 2020 година. Во меѓувреме, беа отворени неколку истраги за неговата наводна измама во Шпанија и Швајцарија, но тие подоцна беа суспендирани.

Scroll to Top