Со Ана Бекута и Жељко Самарџиќ започнува традиционалниот „Фолк фест Валандово“

„Фолк Фест Валандово 2023″ ќе се одржи на 28 мај (недела), со една натпреварувачка вечер, на која ќе бидат изведени 20 новосоздадени фолк композиции.

Фестивалот ќе го отвори Анета Мицевска со групата „Молика“. На ревијалниот дел од натпреварувачката вечер, фестивалскиот оркестар ќе настапи со музика и во чест на починатиот бард на македонската фолк музика, Милан Завков. Награда за животно дело оваа година постхумно ќе се додели за Ѓоко Дончев, за се што сторил зад себе за Валандово и валандовскиот фестивал.

На првата предфестивалска вечер, ќе настапат Жељко Самарџиќ, Јоце Панов и Распеани валандовчани. Додека на втората предфестивалска вечер со Ефто Пупиновски, Ана Бекута и „Куку леле“ на Градскиот плоштад во Валандово ќе биде крената завесата на 36.издание на Фолк фест „Валандово“.

Главната фестивалка вечер ќе се одржи в недела во фестивалската сала „Јанко Узунов“, а на сцената ќе бидат исполнети 20 новосоздадени македонски песни.

Фолк Фест Валандово, игра историска улога во создавањето и зајакнувањето на македонскиот идентитет. Преку истиот се создава нова вредност и се продолжува традицијата, која е од особена национална важност. Влезници за фестивалот, можат да се набават во Домот на култура 25Мај во Валандово по цена од 150 денари.

Scroll to Top