Во над 190 држави денеска се одржува акцијата Час на планетата Земја 2023, кога од 20:30 часот локално време на еден час ќе се изгаснат светилките, што ја прави најголема светска кампања посветена на нашата планета.
Секоја последна сабота во март со исклучување на светлата во 20:30 часот, WWF (Светски фонд за природата) ја спроведува оваа акција веќе шеснаесет години.
Со исклучување на светлата во повеќе од 190 држави и територии во светот, со овој симболичен гест се испраќа порака дека се грижиме за планетата која е нашиот дом милиони години. Воедно се врти вниманието за катастрофата што ја носат климатските промени.
Часот на планетата Земја започна како настан за гаснење на светлата во Сиднеј во 2007 година, а во следните години огромен број земји ја прифатија иницијативата, меѓу кои и Северна Македонија и оттогаш прерасна во најголемото глобално движење за животната средина. Оваа година, учесниците се охрабруваат да ја надминат симболичната акција за исклучување на светлата, и да вложат повеќе напори во учење, повторно поврзување и помагање во обновувањето на нашата животна средина. Светскиот фонд за природата ги охрабрува сите повеќе да прочитаат за загубата на биолошката разновидност, минување мирно време во природа, собирање отпадоци или садење дрвја, односно да не се ограничуваме само на гаснење на светлата.
– За 16 години, Часот на планетата Земја ангажира милиони луѓе ширум светот со едноставно барање да ги исклучат светлата на 60 минути. Но, неговото значење стана многу повеќе од тоа, рече Крис Конер, потпретседател за медиуми. – На природата ѝ требаме. На луѓето им требаме. На нашата клима и требаме. Часот на планетата Земја е можност за сите нас да се здружиме, не само да прославиме сè што ни дава нашата планета, туку и да ја заштитиме, потенцира тој.