Со скопската публика српскиот фолк-пејач Мирослав Илиќ вчеравечер во „Борис Трајковски“ два часа славеше пола век кариера.
Илиќ се обрати на македонски, па рече дека добро го познава и зборува македонскиот јазик, но сепак српскиот му е поблизок.
„И јас сум малку Македонец. Тука во Скопје бев студент, а во Битола служев војска“, рече српскиот пејач откако ја отпеа првата песна.
На сцената раскажа ситуација како другари од градот Триљ му пишале дека специјално за концертот во Скопје ќе допатуваат од Хрватска. Додека Илиќ раскажуваше, од публиката почнаа да довикуваат дека нема само од Скопје и Хрватска, туку дека присутни има и од Тузла и Сараево.
Присутните пееа и играа, весела атмосфера направија најголемите хитови на Мирослав Илиќ, од „Луцкаста си ти“, „Божанствена жено“, „Поломичу чаше од кристала“, „Још те нешто чини изузетном“, „Није живот једна жена“, па се до македонска народна песна. Уживаше и тој, креваше раце, креваше и нозе, па и потсткокнуваше на сцената.
„Штом дојдам на Табановце ми доаѓа да запеам „Земјо македонска“, рече Илиќ и забавата ја продолжи со оваа песна.
„Земјо македонска“ ја отпеа без музика, акапела со помош на публиката во еден глас. Потоа се редеа „Како што е таа чаша полна со вино“ и „На срце ми лежи“, на што и старо и младо се веселеше и играше оро во „Борис Трајковски“. За македонското девојче рече „многу одамна научив дека нема поубаво девојче од Македонче“.
Мирослав Илиќ пееше песни и од неговиот починат колега Тозовац.
По секоја отпеана песна тој велеше „само што почнавме“. Кога концертот се ближеше кон крајот, од публиката довикуваа „само што почнавме“, на што пејачот се пошегува и рече „да, само што почнавме, ова е загревање за следниот концерт“.
„Живи и здрави и малку повеќе пари ви посакувам“, рече пејачот на крајот од концертот и на бендот му нарача македонско оро, по што тој замина од сцената, а публиката продолжи да игра во сала.
Фото: Фросе Лефковска
[/video] [/video] [/video] [/video] [/video]