Сладолед од овошје и разладување, вака негувателите во скопската Зоолошка ги освежуваат животните во овие пеколни температури.
Замрзнато овошје, свежа лубеница за мајмуните и слоновите, риба за морските лавови и замрзнато месо за тигрицата.
Дел од животните имаат идеални живеалишта за топли денови како што се пингвините и морските лавови, а за остатокот негувателите обезбедуваат услови за полесно да ги надминат летните горештини.
Венијамин Балканов негувател на морските лавови, Кан и Гете раскажа неколку интересни факти за ладните оброци кои им ги сервираат.
„Ова денес што ќе јадат Кан и Гете е сладолед од ослич и мраз. Колегата Драган, им има дадено имиња на оброците. Овој со ослич се вика леден десерт Перла, со скуша леден десерт Бјанка и со папалина леден десерт Касандра. Кан го повеќе го сака ледениот Перла и Бјанка бидејќи е со поголеми риби“, рече негувателот Балканов.
Ладни оброци морските лавови ги добиваат два пати во денот, еден во 11 часот и еден во 14.
Поголемиот морски лав Кан има 15 години, а Гете 5 години. И на Кан и на Гете роденденот им е во јуни.
Луцифер и Катја се насладуваа со сладолед и лубеница, како и нивниот безимен сосед патос. Луцифер од видот магабе е еден од најтемпераментните, доста е активен, но и лаком. Ист обброк добија и лемурите во затворениот дел од Зоолошката.
Додека дел од пингвините пливаат во базен, некои од мајмуните ја користат дебелата сенка, слониците Дуња и Даела, уживаа во разладувањето, но и вкусните јаболка, банани и лубеница.
Негувателот на слониците Виктор, работниот ден секое утро го започнува со медицинскиот тренинг на Дуња и Даела, а тоа значи проверка на стапалата, се турпираат, се проверува усната празнина, забалото.
„Во летните денови, разладувањето на слониците се прави три до четири пати во текот на денот. Од овошје јадат околу 20 килограми банани, 20 килограми јаболка, моркови, кикирики, путер од кикиритки, селектирана храна. Го обожаваат путерот од кикиритки намачкан на леб“, раскажа негувателот во Зоолошка, Виктор Ванчовски.
Оваа недела во скопската Зоолошка градина се одбележува Националната недела на зоо негуватели кои 24 часа ги чуваат и негуваат без разлика на временските услови.
Г. Додевска