Сопругот ја изневаруваше со сестра ѝ, а таа љубеше жени: Фрида Кало никогаш не се вклопи во патријархалното мексиканско општество

Легендарната мексиканска уметничка Фрида Кало, важи за една од најважните сликари на реализмот, кубизмот и надреализмот кои ја одбележаа првата половина на 20 век. За нејзиниот имиџ и дела знаат голем број луѓе, па и оние кои не се запознаени со ликовната уметност.

Родена на 6 јули во 1907 година во Мексико, Фрида уште од раното детство се соочува со тешка судбина. Се заразила од детска парализа, што подоцна резултира со трајни нарушувања на нејзините нозе и стапала. Во 1922 година, се запишала на престижено училиште во Мексико.

Таму го запознала својот иден сопруг Диего Ривера, кој иако и бил голема поддршка, подоцна во голем број наврати ја изневерувал со други жени. Кало на 18 години доживеала уште една тешка несреќа во која ги скршила ребрата. Тоа ѝ се одразило на неплодноста.

Сето тоа оставило белег врз неа. Подоцна ја примила комунистичката идеологија од Диего и почнала да носи долги здолништа и фустани украсени со мексикански народни симболи само за да го скрие хендикепот.

„Преживеав две тешки несреќи во животот. Првата беше трамвај што ме собори, а втората беше Диего“, рече Фрида во една пригода, а подоцна својата тага почнала да ја пренесува и на платното за сликање.

Решена да му се одмазди на сопругот, влегува во љубовна врска со негов близок пријател, марксистичкиот револуционер Леон Троцки. Диего пак влегува во афера со сестра ѝ, што на крајот резултира со развод.

Фрида во тие моменти почнала да се заљубува и во жени, а меѓу нив е и светски познатата танчерка, актерка и политичка икона Џозефин Бејкер. Болката која ѝ ја нанел сопругот никогаш не престанала, а истата била нејзина главна инспирација за нејзините автопортрети.

„Автопортрет со ѓердан од трње“, е автопортрет кој ги претставува нејзините чувства, рационализација на работите и разводот од нејзиниот долгогодишен сопруг.

Во 1938 година ѝ се отвора можност да изложува нејзини дела во модерната галерија „Џулијан Леви“ во Њујорк, а потоа следи изложба во Париз, каде нејзините дела ги забележал и Пабло Пикасо. Меѓу нив се раѓа блиско пријателство.

Во знак на благодарност ѝ подарил обетки кои Фрида ги носела насекаде.

На покана на францускиот писател и поет Андре Бретон, заминала во Париз, каде една нејзина слика ја купил Лувр. Нејзината слика било првото уметничко дело на еден мексикански уметник кој го купил Лувр во 20 век.

Таа не се вклопила во патријархалното мексиканско општество, а за тоа најдобро говори тоа што покрај целата серија изложби низ светот, првата ја одржала во Мексико дури во 1953 година.

Кога татко ѝ починал во 1941 година, Фрида почнала да паѓа во депресија. Тоа се одразило на нејзиниот бизнис, а продажбата на нејзините слики исто така се намалила бидејќи не сакала да се прилагоди на желбите на клиентите.

Во првата половина на 50-тите, нејзината и онака лоша здравствена состојба се влошила. Имено, поради гангрена морале да ѝ ја ампутираат десната нога под коленото, по што повторно паѓа во депресија.

Здравјето почнало да ѝ се влошува, а последен пат ги изложила своите дела во галеријата Лола Аварез, каде дошла со носилки. Ја донела брзата помош кои ја сместиле на средина на галеријата за да биде на отворањето.

Починала во 1954 година, а како официјална причина била наведена емболија. Но, сѐ уште постои сомнеж за намерно самоубиство, затоа што последно што напишала во нејзиниот дневник било: „Се надевам дека излезот е среќен и се надевам дека нема да се вратам“.

Ѝ била исполнета желбата да биде кремирана, а урната со пепел се наоѓа во Каса Азул, кој во 1958 година бил претворен во музеј посветен на неа. Облеката ѝ била запленета од сопругот Ривера по нејзината смрт.

Ја чувал под клуч педесет години, сè до 2004 година. Денес, нејзините слики се продаваат за повеќе пари од работата на која било друга жена уметничка. Така, нејзиниот автопортрет „Константина“ е продаден во Њујорк за 34,9 милиони долари.

Scroll to Top