Срцето ќе ми запре кога ќе отидам на гробот на Тоше: фановите од Балканот го прославуваат роденденот на поп-пејачот

Петнаесет години по смртта на Тоше Проески, фановите од целиот регион и понатаму го прославуваат денот на неговото раѓање. На социјалните мрежи објавуваат песни, заеднички фотографии, стихови кои ги потсетуваат на Тоше.

Катарина Мачек од Војводина, Анте Миловац и Марија Елена Колариќ од Хрватска, се само дел од оние што велат дека нема да го заборават Тоше, иако никогаш не го запознале во животот. Досега не биле на неговиот гроб на Гумење, но годинава првпат ќе го посетат Крушево, музејот посветен на Тоше и куќата во која е роден.

Марија Елена вели дека е најголемиот фан на Тоше на целиот свет. Таа неодамна од Хрватска дојде во Крушево за таму да го прослави својот 20 роденден и да види сè што е поврзано со починатиот пејач.

„За роденденот на Тоше ќе запалам свеќа покрај неговите слики што ги имам дома, ќе се помолам и ќе направам торта, а ќе погледнам и во трафика дали има нешто за него во весниците за да ги купам. Обично на тој ден цело време слушам негови песни, гледам снимки од негови концерти, на Инстаграм и Фејсбук објавувам по некоја слика и текст. Фановите од Загреб секоја година се собираат во православна црква, каде што се организира миса за него и доаѓаат сите што го сакаат. Таа годинава веќе се одржа, на 22 јануари. А некои фанови се собираат и пред неговиот споменик во Нова Градишка, палат свеќи, пуштаат негови песни. Се надевам догодина ќе бидам во Крушево за 25 јануари“, рече Марија Елена.

Катарина (50) првпат го слушнала Тоше кога пеел на фестивал во Црна Гора и оттогаш е негов фан.

„Го засакав на прво слушање и оттогаш следам сè што снимил и испеал. Знаев дека ќе биде голема ѕвезда уште тогаш. Прекрасен човек со големо срце и душа. Мои омилени песни се ‘Слушаш ли’, ‘Тајно мој’ и ‘Полско цвеќе’, но сите песни му ги сакам многу.

Поради него ја засакав и традиционалната македонска музика. Секоја година го одбележувам и неговиот роденден, објавувам негови слики, песни, пораки. Тоа го правам и на денот кога загина. Некои дури и ми замеруваат дека споделувам премногу работи поврзани со Тоше и дека можеби треба да отворам фан-профил за него. Познавам неколку фанови со кои контактирам преку Инстаграм. За жал, не сум била на неговиот гроб, сакам да дојдам еден ден, ама знам дека ќе ми биде многу тешко, мислам дека ќе ми запре срцето. Многу ми недостига, како да ми е некој најблизок род. Сите мои пријатели знаат колку го сакам и колку ми недостига. Инаку, не сум девојче, туку жена од 50 години“, вели Катарина.

Слична приказна има и Анте, кој се сеќава дека првпат го слушнал Тоше во 2004 година.

„Свирам гитара и ги знам повеќето песни од Тоше. Бидејќи веќе неколку години не свирам со бенд, песните сега се само за моја душа или кога сум со пријатели. Скоро секој ден ја слушам неговата музика, но најмногу на роденденот, зашто на тој начин сакам да му оддадам чест. Не сум сигурен дали последниве години фановите од Хрватска се собираат и прават забави во чест на раѓањето на Тоше, иако на почетокот имаше журки во некои градови. Знам само дека талент како неговиот треба да се слуша, памети и да се чува вечно. Во Крушево не сум бил, но ќе одам во март и ќе поминам неколку дена таму“, вели Анте.

Андријана Јовановска

 

Scroll to Top