Се очекува стар сателит на НАСА да падне на Земјата во текот на денот, а експертите кои го надгледуваат леталото велат дека има мали шанси падот на сателитот да предизвика некаква опасност.
Стариот сателит „Реси“ треба да падне на Земјата вечерва, објавија НАСА и американското Министерство за одбрана, истакнувајќи дека локацијата каде што ќе падне сателитот не може да се открие, пренесува АП.
Поголемиот дел од овој сателит тежок околу 300 килограми би требало да изгори за време на летот низ атмосферата, но експертите очекуваат дека некои делови ќе останат релативно неоштетени.
Пред да бидат прекинати активностите на „Реси“ во 2018 година, поради проблеми во комуникацијата, сателитот забележал соларни изливи, како и масовни ерупции на Сонцето. За време на активното користење на сателитот „Реси“, забележани се повеќе од 100.000 сончеви настани користејќи високоенергетски рендгенски зраци и гама зраци.