Стефани Фрапар е прва жена која ќе суди на Светско првенство

Првпат во историјата на Светските првенства главна судијка на еден меч ќе биде жена. На мечот меѓу Германија и Костарика, француската судијка Стефани Фрапар ќе испише историја со тоа што ќе стане првата жена што била главна судијка на меч од Светско првенство, информираше ФИФА.

Натпреварот ќе се игра на 1-ви декември на стадионот, Ал Бајт.

Сепак, тоа нема да биде прв пат 38-годишната француска судијка да го запише своето име во фудбалската историја. Фрапар исто така беше првата жена која судеше натпревар во Лига 1 и УЕФА Лигата на шампионите.

„Светското првенство за мажи е најважното спортско натпреварување во светот. Јас бев првиот судија во Франција и во Европа, па знам како да се справам со тоа“, изјавила Стефани.

Пред Светското првенство, Пјерлуиџи Колина, претседател на Комитетот за судии на ФИФА, за трите женски судии на Светското првенство изјави дека тие не биле избрани затоа што се жени, туку како судии на ФИФА и дека можат да судат на било кој натпревар.

Scroll to Top