Театарската претстава „Црнила ремикс“ е наградена на „Нишвил“

Театарската претстава „Црнила ремикс” ја доби наградата за најдобра употреба на музика на Меѓународниот џез театарски фестивал „Нишвил“, кој доцна синоќа заврши во српскиот град Ниш.

Жирито на Фестивалот, театарските критичари Наташа Гвоздановиќ и Игор Буриќ и американската актерка и продуцентка Жозелин Пук, во образложението наведуваат дека претставата е оригинална, со тоа што ангажира рап музика во јукстапозиција со традиционални македонски вокални стилови.

„Претставата е полна со прекрасни мелодии, рими и динамика, кои произведуваат своевидна хип-хоп опера и поттикнува силни емоции“, е наведено во образложението на жирито.

На фестивалот „Нишвил”, што од 5 до 9 август се одржа на сцените низ Ниш, Грандпри наградата ја доби претставата „Балкан Боредело”, ко-продукција меѓу „Ла Мама“ од Њујорк, „Ателје 212“ од Белград и „Кендра Мултимедија“ од Приштина, а сите награди се доделени едногласно.

„Наградата доаѓа во вистински момент, кога се обидуваме повторно да ја рестартираме претставата. „Црнила Ремикс” својот силен фестивалски залет го имаше веднаш по премиерата крајот на 2018 година, но за жал веќе на почетокот на 2019 година како и цел свет и ние мораше таму да запреме. Многу убава енергија околу овој проект, па затоа верувам дека „Црнила” на МКЦ Скопје ќе ја има уште долго на сцена“, рече Русе Арсов, продуцент на претставата.

Режисер на проектот е Јордан Симонов, кој заедно со Дарко Димитриевски и Павле Димковски од рап колективот „Зад аголот” го поставија ова современо читање на драмската класика „Црнила“ на Коле Чашуле.

„Мислам дека ја имавме најсоодветната продукција за овој фестивал, чија специфика е токму селекција на претстави каде музиката е важен драмски елемент во нарацијата. Експериментиравме со многу стилови и формати, добивме одличен музички производ, и затоа сега ми е многу драго што тоа го препознаа и членовите на жирито“, рече Јордан Симонов.

Пред полниот амфитеатар во Ниш на Фестивалот се поклонија членови на Организацијата: Стефан Вујисиќ, Александар Михајловски Хонда, Владимир Петровиќ, Горан Ников, Ненад Анѓелковиќ, Сања Арсовска и Павле Димковски.

Scroll to Top