Поранешниот фудбалер на Рома, Франческо Тоти, не сака да ѝ ги даде 100-те пара потпетици на Илари Блази, со која се разведува по 20 години брак, пишува „Ил Масаџеро“. Според италијанскиот медиум, некои од чевлите на ТВ-водителката чинат и по 4.000 евра. Тој, наводно, чевлите ги собрал заедно со луксузната колекција чанти што ја поседува Илари за да ги искористи предметите како дел од договорот за поделба на имотот. Таа, пак, му ги зела сите рачни часовници.
Тоти и Блази важеа за една од најубавите двојки и беа миленици во Италија, па веста за нивниот развод изненади многумина. Бидејќи не можат да се договорат за поделбата на имотот и старателството над децата, судот им закажа рочиште за 14 октомври и таму ќе се одлучува како ќе се распредели заедничкиот имот.
Претходно, во интервју за „Кориере дела спорт“ Тоти јавно ја обвини Илари дека сака да му земе сè што поседува и дека не му дава да ги гледа децата.
„Ми ја зеде колекцијата на часовници и ја испразни мојата банкарска сметка заедно со нејзиниот татко. Таа сака да ми земе сè. Не ме интересираат материјалните работи, ги сакам моите деца. Се надевам дека ќе постигнеме договор“, рекол Тоти.
Поранешниот фудбалер веќе има нова девојка, Ноеми Боки, и живее заедно со неа и нејзините две деца.