Кршењето чинии на грчка свадба е долга традиција во оваа земја. Но до ден денес не е позната точната причина зошто се прави тоа.
Секој кој имал можност да биде гостин на грчка сваба или имал среќа да доживее „дебела грчка свадба“ знае што значи кога гостите ќе зграпчат куп чинии во раце.
Се смета дека има врска со старите ритуали на жалост и начин како луѓето да се справат со тагата и загубата, со кршење на чинија што означува прекин со земниот живот. Сепак, некои тврдат дека тоа е поврзано со покажување на богатството – затоа што само оние што го имаат можат да си дозволат да уништуваат садови.
Оваа необична традиција беше претставена во светот преку филмови од 1960-тите па наваму, кои прикажуваа грчки свадби и прослави.
Ваквата традиција во Грција беше прекината од грчкиот диктатор Георгиос Пападопулос, кој за време на неговото владеење од 1967 до 1974 година забрани кршење чинии од безбедносни причини.
Со текот на времето, оваа практика (донекаде) беше заменета со фрлање цвеќе, што се чини дека е многу подобра опција, особено за пејачите кои се на мета за време на прославите.
Традицијата полека згаснува, но сепак може да се доживее во одредени кафани и прослави. Се претпоставува дека во иднина ќе биде присутна уште помалку.