Трансродова Тајланѓанка го купи Мис Универзум

Мис Универзум, спектакуларниот избор за најубава жена на светот, продаден е за 20 милиони долари на компанија од Тајланд. Јакапонг Јакрајутатип, позната и како Ени, е првата жена, но и првата трансродова личност која победила на изборот за Мис Универзум. Досега овој спектакуларен избор за најубава жена на планетата беше во сопственост на компании чии сопственици беа исклучиво мажи.

Ени од Тајланд, која има статус на славна личност во својата татковина, е сопственичка на медиумската компанија „Глобал груп“, која има огромно влијание во оваа азиска земја и е голем активист за правата на трансродовите лица и ЛГБТ популацијата воопшто.

Родена како маж, посетувала исклучиво машки училишта, каде што била изложена на постојано малтретирање и тепање поради нејзиното необично однесување. Излезот го барала во образованието и операцијата за промена на полот, а подоцна се прославила со учеството во реалните шоуа „Шарк тенк“ и „Проект писта“.

Нејзината компанија сега е официјален сопственик на изборот за Мис Универзум, а Јакапонг рече дека купувањето е историски и стратешки медиумски потег.

Откако плати 20 милиони долари, „Глобал груп“ стана единствен и ексклузивен сопственик на овој натпревар за убавина, чиј косопственик во периодот од 1996 до 2002 година беше поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

Натпреварот се емитува во 165 земји во светот и е еден од најдолгогодишните, со оглед на тоа што првпат беше организиран пред 71 година.

 

Scroll to Top