Плажата Навагио на островот Закинтос, ова летово ќе биде затворена за посетители од страв поради дополнителни одрони.
Одлуката за забрана на пристапот до плажата Навагио била препорачана од тим експерти од Организацијата за антисеизмичко планирање и заштита (ОАСП), по посетата на локацијата на 8 март, како дел од редовната повторна проценка на нејзината безбедност. Тимот соопштил дека постои значителен ризик од лизгање на земјиштето поради ерозијата на околните карпи.
„Безбедноста на жителите и посетителите е над сè и одлуката е донесена земајќи ги предвид новите научни податоци на ОАСП и неговиот претседател, професорот Ефтимиос Лекас, со оглед на големиот број посетители на овој простор за време на туристичката сезона“, изјавил министерот Василис Кикилијас.
Плажата Навагио на островот Закинтос е затворена за локалното население и посетителите од септември минатата година, откако земјотресот со јачина од 5,4 степени според Рихтеровата скала предизвика големи камења од околните карпи да паднат во заливот.
Безбедноста на плажите ќе се преоценува двапати годишно.