Украинците сакаат да бидат домаќини на Евровизија, не се согласуваат со одлуката на ЕБУ

Украина која победи на Евровизија ја осуди во петокот одлуката на Европската радиодифузна унија ЕБУ, да ѝ се одземе улогата на домаќин следната година. Од ЕБУ во петокот ја донесоа оваа одлука поради недоволната безбедност во земјата и руската инвазија.

„Украина не се согласува со природата на оваа одлука која ја донесе Европската радиодифузна унија (ЕБУ)“, рече во соопштението украинскиот министер за култура Олександр Ткаченко.

„Бараме дополнителни преговори за улогата на домаќин на Евровизија 2023 година во Украина“, додаде тој.

ЕБУ во петокот објави дека Евровизија 2023 година нема да може да се одржи во Украина поради војната, додавајќи дека е во преговори со „Би-би-си“, тоа да се одржи во Велика Британија.

„Украинската јавна телевизија UA:PBC не може да ги исполни оперативните и безбедносни гаранции потребни за телевизијата да биде домаќин, да организира и ја продуцира Евровизија според правилата на ESC-a“, напишаа од ESC Еurovison Song Contest на „Твитер“.

„ЕБУ сака да ѝ се заблагодари на UA:PBC за нивната сесрдна соработка и посветеност во истражувањето на сите сценарија во неделите по победата на оркестарот „Калуш“ во Торино и ја споделува својата тага и разочарување што натпреварот во 2023 не може да се одржи во Украина“.

Укранскиот бенд оркестарот „Калуш“ победи на Евровизија во Торино минатиот месец, додека Велика Британија беше на второто место.

„Очигледно ова не се околностите кои некој би ги посакал. Се разбира дека ќе расправаме за тоа да „Би-би-си“ биде домаќин на „Евровизија“, рекоа од „Би-би-си“.

„Традиционално победникот на Евровизија е домаќин на натпреварувањето следната година, но поради неможноста на украинската телевизија да ги даде безбедносни и оперативни гаранции потребни за да се одржи натпреварот, значи дека шансата ќе ја добие земјата што завршила втора. Ние имаме целосна намера и нашата цел ќе биде следната година јасно да покажеме дека Украина беше победник“, соопштија од ЕБУ.

Scroll to Top