Унковски се враќа во МНТ со претставата „Сите сме птици“

Македонскиот режисер Слободан Унковски по неколку години се враќа на сцената на МНТ, овој пат со претставата „Сите сме птици“, по текст на либанско-канадскиот автор Важди Муавад.
„Најновиот проект и соработка со Унковски сите го очекувавме веќе подолг период, кој по девет години од последната негова претстава, повторно режира во МНТ. Ја поставува оваа моќна современа драма која спојува повеќе јазици и различни светови на искуства, притоа го истражува и идентитетот за тоа кои сме – или мислиме дека сме“, информираат од Македонскиот народен театар.

Во драмата на уникатниот и современ автор Муавад, додека во светот се случува израелско-палестинскиот конфликт и нападите, едно семејство е во теснец и е принудено да се соочи со сѐ она што го знаат за својот идентитет. Терористички напад во Ерусалим го става во кома младиот израелско-германски генетски истражувач Еитан, додека неговата мароканска девојка Вахида е оставена да ја открие неговата семејна тајна.
Во претставата ќе игра веќе докажана актерска екипа: Емил Рубен, Звездана Ангеловска, Никола Ристановски, Николина Кујача, Дамјан Цветановски, Тина Трпкоска, Петре Арсовски, Сара Климоска и други. Текстот од француски на македонски јазик го преведе Калиопа Петрушевска.
Унковски во изминатите децении на сцената на Македонскиот народен театар ги постави претставите кои уште долго ќе се паметат: „Јунона и паунот“ (1971), „Среќна нова ’49“ (1985), „Ништо без Трифолио“ (1986), „Гнев божји“ (1990), „Црнила 005“ (2005) и „Изгубени германци“ (2013). Премиерата на претставата „Сите сме птици“ се очекува со почетокот на новата театарска сезона.
Scroll to Top