Вечер на класичен сјај и виртуозност и „Незаборав“ денес на „БИТФЕСТ“

Битолското културно лето „БИТ ФЕСТ“, вечерва со прекрасна програма за битолската публика.

Љубителите на класичната музика ќе имаат ретка можност да уживаат во извонреден концерт на триото „Интерарт“, составено од уметниците: Емилија Ристевска Стефановска (флејта), Александар Стефановски (флејта) и Татјана Божиновска (пијано).

Прекрасната вечер на класичен сјај и виртуозност ќе го исполни Офицерскиот дом со почеток од 20 часот и најавува суптилна музичка комуникација и префинет репертоар.

Публиката ќе има можност да слушне дела од светски и домашни композитори, вклучувајќи ги Шостакович, Доплер, Фурстенау, Петровски и Кларк. Програмата опфаќа богати и контрастни дела кои ги истакнуваат звучните можности и длабочината на музичкото изразување на триото „Интерарт“.

Во Центарот за култура пак, со почеток од 20.00 часот ќе се одржи традиционалната манифестација „НЕЗАБОРАВ“.

Годинешниот „НЕЗАБОРАВ“ одбележува 15 години и е посветен на изминатите 14 приредби и претставува ретроспектива на истите.

На настанот публиката ќе се потсети на изминатите концерти кои беа посветени на: Сашка Петковска, Јонче Христовски, Пепи Бафтировски, Љупчо Спасеновски (Буба мара), Добри Ставревски, Гоце Николовски, Миле Шерденков, групата „Битолски конзули“, Битолчани на Валандово, Драган Каранфиловски-Бојс, Песни за Битола – прв и втор дел, Песни од Интерфест 92-96 и Тоде Новачевски.

На концертот во живо ќе настапат познати битолски музичари и изведувачи. Како и до сега, така и годинава, „НЕЗАБОРАВ“ се реализира со поддршка од Општина Битола, во рамките на „БИТ ФЕСТ“ 2025. Автор на проектот e Панде Димитровски.

Scroll to Top