Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ и годинава ја започнува концертната сезона традиционално, со велигденски концерт. Овој пат, настанот носи една посебност, а тоа е програмата посветена на музичкиот и кореографскиот опус на прерано починатиот првенец на „Танец“, Милан Завков. Концертот ќе се одржи на 10 април, со почеток во 20 часот, во Националната опера и балет.
На репертоарот ќе бидат познатите кореографии „Беломорски бисер“, „На мегдан“ и „Охридски игри“, кои маестро Завков ги создаде заедно со својот долгогодишен колега од „Танец“, играорецот и кореограф Симеон Чулев.
Исто така, на програмата ќе биде и кореографијата „Копачија“, која е соработка на Завков со кореограф Дојчин (Стојче) Каранфилов.
На концертот ќе бидат изведени и повеќе вокално-инструментални точки. Билетите се во продажба онлајн на купикарта во Југотон.