(Видео) Активист во костум од ѓубре привлекува внимание за големите еколошки проблеми

Активистот за заштита на животната средина Роб Гринфилд неодамна направи една многу необична работа. Имено, тој еден месец го носел на себе целосното ѓубре што во овој период го произведувал во вид на костум, составен од неколку проѕирни кеси за отпад.

„Просечниот Американец создава 2 килограма ѓубре дневно, а повеќето од нас никогаш не размислуваат за овој факт или што се случува со ова ѓубре откако ќе го ставиме во канта или контејнер. Токму поради оваа причина, решив да го носам секое парче ѓубре што инаку би го фрлил 30 дена. Идејата е да се создаде силен визуелен впечаток на луѓето и да се вреже оваа слика во нивната меморија за да може да се запрашаат што ѝ правиме на планетата Земја со нашето однесување“, објасни Гринфилд за мотивот за овој необичен проект.

Оваа идеја ја спроведе во пракса уште во 2016 година во Њујорк, но неодамна сакаше уште еднаш да го привлече вниманието на јавноста со проблемот со големото количество ѓубре, овој пат во Лос Анџелес.

„Дојдов во Холивуд за да ја пренесам мојата порака за обновата на Земјата на оние што најмногу треба да ја чујат. Некои се засрамија кога ме видоа и ме игнорираа, други се смееја и ме задеваа, но илјадници луѓе ја прифатија мојата порака и во неа видоа оправдан повик да се воздржат од трошење“, рече Гринфилд.

Scroll to Top