(Видео) Хари без нозе го освои Монт Еверест

Поранешниот војник Хари Буда Магар, стана првиот човек со ампутација над коленото кој се искачи на Монт Еверест. Во 15 часот по непалско време, се искачил на врвот Сагарматха, а потоа се спуштил во базниот камп, од каде се вратил во Катманду денеска попладнето.

„Сè додека можете да го прилагодите вашиот живот на времето и ситуацијата, сè е можно, нема граници, само небото е граница“, рече Хари за АФП.

Хари ги загубил нозете откако ненамерно згазнал на импровизирана експлозивна направа додека служел војска во Авганистан како припадник на бригадата Гурка во 2010 година.  Досега две лица со ампутирани нозе, но под коленото се искачиле на врвот на Еверест.

Новозеланѓанецот Марк Инглис во 2006 година и Кинезот Ксиа Боју во 2018 година.

Хари има протези на двете нозе и веќе има искачено неколку врвови, меѓу кои планинскиот врв Тубкал во Мароко, Бен Невис во Шкотска и европскиот Мон Блан. Неколку години му било забрането да се искачува на највисоката планина во светот поради непалскиот закон.

Законот забранувал на слепите лица и на оние со двојна ампутација да се искачуваат по планини. Во меѓувреме, Врховниот суд на Непал го поништи законот.

За потсетување, осум од десетте највисоки врвови во светот се наоѓаат во Непал. Секоја пролет, кога се загрева и опасниот хималајски ветер повеќе не дува толку силно, кон нив се упатуваат стотици алпинисти од целиот свет.

Scroll to Top