(Видео) Јутјубер намерно сруши авион за лајкови

Американскиот јутјубер Тревор Џејкоб намерно го срушил спортскиот авион за да добие повеќе прегледи и лајкови. Тој е обвинет пред судот во Калифорнија и му се заканува казна затвор од 20 години. Американските обвинители соопштија дека Џејкоб се изјаснил за виноввен за уништување и прикривање на доказите со намера да направи пречки во истрагата. По несреќата тој го исчистил местото на падот.

За време на признавањето на вината, Џејкоб рече дека видеото било дел од договор за спонзорство на производ, пренесе „Би-би-си“. Џејкоб е 29 годишен пилот и падобранец, а снимката на „Јутјуб“ ја објавил во декември 2021 година, објаснувајќи дека станува збор за несреќа.

Во ноември 2021 година тој полетал од аеродромот во Санта Барбара во Калифорнија, со камера поставена во авионот. Покрај камерата со себе понел и падобран и селфи стап.

Немал намера да стигне на местото, туку планирал да се катапултира за време на летот и да се снима како се спушта со падобран на земјата, а авионот да го сними како се руши, соопштија од американското обвинителство за централниот округ во Калифорнија.

Авионот се срушил во шумата Лос Падрес, 35 минути по полетувањето. Џејкоб отишол до местото и ја земал снимката. Некои од гледачите на „Јутјуб“ биле скептични кон видеото, напоменувајќи дека Џејкоб веќе имал падобран на себе и дека не се ни обидел безбедно да го слета авионот.

Несреќата ја пријавил во Националниот одбор за безбедност на сообраќај, кој соопштиле дека е негова одговорност да ги зачува остатоците. Џејкоб подоцна тврдел дека не ја знае локацијата на местото каде авионот се срушил, иако таму отишол со хеликоптер и ги уништил остатоците.

Сега се очекува да се појави пред судот во наредните недели, а „Би-би-си“, пренесе дека уште минатата година му била одземена пилотската дозвола. За потсетување, видеото досега има 2,9 милиони прегледи.

Scroll to Top