Тео Митевски е тренер во КК МЗТ Скопје Аеродром – Младинска школа и тренира кошарка со деца од најразлична возраст. Култниот кошаркарски клуб МЗТ Аеродром е место од каде излегле познати македонски кошаркари кои денес имаат светска кариера.
Некои го носат националниот дрес и ги бранат боите на Македонија во кошаркарската репрезентација.
Екипата на Репортер беше во посета на КК МЗТ Скопје Аеродром – Младинска школа каде што подмладокот на македонската кошарка постигнуваат големи успеси. Последниот во низата е освоеното прво место во М12 лигата.
Во разговор со тренерот Митевски вели не е тешко да се работи со деца, доколку си ја сакаш работата и ги сакаш децата.
„Станав тренер зошто сакав да им помогнам на децата да играат кошарка. Да бидеш тренер во МЗТ Аеродром не е ниту малку лесно, треба да бидеш премногу посветен посебно кога работиш со деца. Тие учат сè од тебе, како се однесуваш, што правиш“, вели Тео Митевски.
Строг тренер е, велат децата, некогаш попустлив, но секогаш знае да балансира во зависност од возраста на децата со кои работи.
„Им давам секакви задачи, најважно е спиењето, да водат евиденција. Јас им препорачувам 9 часа да спијат, најважно е времето кога ќе легнат. Задачите коишто им ги давам е да запишуваат кога легнуваат и кога стануваат. Втората задача е кога ќе станат е да го измерат пулсот и да водат евиденција што јадат“, ни открива Тео за Репортер.
Кошарка почнал да игра уште како дете. Ги гледал децата надвор како играат баскет, но и оние кои тренирале кошарка, па посакал и тој да се запише. Го засакал спортот, тренирал напорно, а потоа учествувал и на натпревари. Од неговата 18. година тренира во МЗТ и потоа се одлучил да стане тренер.
Како најголеми успеси на Младинската школа, Тео го одвојува проектот МЗТ 2, кој е голема мотивација за децата.
„За оние што не знаат, тоа е нашиот втор тим во прва лига и таму играат само нашите млади играчи кои се од осумнаесет до дваесет и две години и планот е тие играчи да влезат во прва екипа. Имаме и премногу титули освоени на турнири, но најважен е проектот МЗТ 2 каде што со млади играчи влеговме во првата лига“, раскажува Тео.
Идеалната возраст да почне да се тренира кошарка, вели Тео, е околу осмата и деветтата година кога децата препознаваат што е детска игра и како да се вклучат во неа. Но вели има и помали деца и за нив кошарката е поедноставена и повеќе е за нивен развиток и подготовка за тоа што следува.
Ривалството е само на терен, додека се на терен се натпреваруваат, се борат да се покажат кој е подобар, по завршување на тренингот тие се најдобри другари, има смеа и дружба, раскажува тренерот на КК МЗР Скопје Аеродорм – Младинска школа, Тео Митевски.
Габриела Додевска