(Видео) По ерупцијата на подводен вулкан се појави нов остров во Тихиот Океан

По ерупција на подводен вулкан во близина на островите Тонга во Тихиот Океан се појави нов мал остров, објави Си-ен-ен. Новиот остров се наоѓа на морската планина Хоум Риф во централниот дел на островите Тонга, југозападно од островот Лата.

Островот се појави во југозападниот дел на Тихиот Океан каде што има многу подводни вулкани. Еден од тие вулкани еруптираше на 10 септември, исфрлајќи лава, пареа и пепел, се вели во соопштението на Земјината опсерваторија на НАСА. Единаесет часа откако вулканот почна да еруптира, нов остров се појави над површината на водата.

НАСА со сателити го сними новоформираниот остров, па оттаму кажаа дека растел брзо, по што на 14 септември научниците од геолошкиот институт на Тонга процениле дека островот е 4.000 квадратни метри. До 20 септември островот пораснал на 24.000 квадратни метри.

„Островите создадени од подводни вулкани често се краткотрајни. Но понекогаш овие непостојани острови можат да постојат со години или дури и децении“, велат од НАСА.

Scroll to Top