(Видео) Под стопените швајцарски глечери се појави авион што исчезнал 1968 година

Под швајцарските глечери кои се топат со многу брзо темпо е откриен авион кој исчезнал 1968 година. Истражувањето покажало дека се работи за авионот „пајпер чироки“, кој се урнал на 30 јуни 1968 година, а во кој летале учител, медицинско лице и неговиот син, сите од Цирих. Според швајцарските власти, тие ќе се обидат во најскоро време да ги извлечат телата и да ги симнат урнатините од планината.

Топењето на мразот е толку екстремно што на една локација е откриена и карпа која неколку милиони години била под мраз. Многу помали глечери целосно исчезнале. Глечерите оваа година изгубиле дополнителни шест отсто од својот обем во однос на ланската година.

„Знаевме дека ќе дојде до оваа ситуација некогаш во иднина, ги следиме климатските промени. Но, сознанието дека тоа се случува токму сега е вистинско изненадување и шок за сите нас“, рекол Матијас Хус, шеф на ГЛАМОС, швајцарска агенција која го следи топењето на глечерите во последниве 100 години.

Повеќе од половината глечери на Алпите се наоѓаат во Швајцарија. Во оваа област температурата расте два пати побрзо отколку на глобално ниво. Научниците на Алпите, вклучувајќи го и Хус, морале да ја поправаат својата опрема на десетина локации, бидејќи постоела опасност да се изместат шипките поради топењето на мразот и да се изгубат собраните податоци.

Оваа година се изгубени околу три кубни километри мраз како последица на високите температури и малите врнежи снег. Во минатото снегот овозможувал да се обновува мразот што се топел преку лето и глечерите да се заштитат од дополнително топење со тоа што ја одбива сончевата светлина назад во атмосферата.

Scroll to Top