(Видео) Со „пежо“ од 1969 Горан Ивановски измамува насмевки низ Скопје

Скопјaнeцот Горан Ивановски е сопственик на автомобилот „пежо 404“, олдтајмер од 1969. Тој е втор сопственик на автомобилот, кој го купил од Ресен. Пежото на Горан сè уште е во одлична возна состојба, а најголем ќеф е кога со него ќе се провози низ скопските улици за да отиде во некое кафуле. И екипата на Репортер имаше можност да се вози во старото „пежо“.

„Според податоците на фабриката, купено е на 27 декември 1969 година, ниво на опрема ЛХ, беж боја, 1.6 мотор, 71 коњска сила, агрегат на бензин. Возилата од овој модел се произведуваат од 1960 во месец мај, во Франција завршува производството во 1974 година. Потоа продолжува да се произведува пикапот, варијанта од ова возило во Алжир и Кенија до 1989 година“, раскажа Горан за „Репортер“. Тој вели дека на времето кога го проектирале овој автомобил почнала и филозофијата на ‘Пежо’ во автомобилот да биде сè подредено на возачот и да биде најудобно што може. “Не е ова најбрзиот автомобил, ниту со најдобра потрошувачка на гориво, но е најудобниот во класата, баш како да се возиш во гондола“, ни открива Горан.

Засега не планира да го продава. Вели за цената на олдтајмерот не се преговара затоа што ќефот нема цена.  И додава дека тешко е да се одржува со оглед на тоа што ретко се наоѓаа резервни делови, посебно кај нас.

„Барањето делови оди на клупска и пријателска база и роднини во странство. Но тоа е убавината, се дружиме и комуницираме со истомисленици, но е и стил на живот. Моја среќа е што јас сам си го одржувам возилото, сам го доведувам до возна состојба,  не ми е проблем да средам каков било дефект“, вели Горан.

Можеби не патувавме низ времето со олдтајмерот „пежо 404“, но свртевме едно крукче низ скопските улици. Лајкови, свиркање и насмевки беа реакциите на учесниците во сообраќајот. Дека чести се овие реакции, раскажа и Горан, кој кога се вози со неговите деца во автомобилот тие велат „тато ни дадоа лајк“.

„Различно е од секојдневните возила, соседите веќе го знаат возилото, но секогаш има тема на муабет, секогаш има некое интересно прашање. Особено ми се интересни сограѓаните од повозрасната генерација, веројатно сите се сеќаваат на ова возило кога тие биле млади и сите си имаат некои свои спомени“, раскажува сопстевникот на „пежо 404“.

Со овој автомобил најдолгата локација била Мостар, тоа во километри е 630 во еден правец. Патувањето било преку Косово, Албанија, Црна Гора и во Босна.

Сите љубители и сопственици на оваа икона на француската мотоиндустрија, како што ја нарекуваат автомобилските експерти, може да членуваат во „Пежо 404 Клуб Македонија“ кој е формиран 2021, кога е и регистриран. Инаку, неформално како пријатели и љубители на овој автомобил се дружат подолго време. Во клубот членуваат 12 членови кои се сопственици на ваков автомобил, и еден којшто е само љубител на овој модел.

Вели во Македонија покрај овие 12 „пежо 404“ автомобили, има плус некој кој одвреме-навреме се појавува заборавен во гаражите, но важи за редок модел на автомобил и кај нас и во светот. Покрај уживањето во возилото, тие уживаат и во дружбите и најчесто посетуваат олдтајмер собири.

Габриела Додевска




Scroll to Top