(Видео) Со спектакуларен огномет пуштен за сообраќај гигантскиот мост во Хрватска

Со огномет и присуство на целиот политички врв во Хрватска синоќа беше пуштен во употреба 2,4 километри долгиот Мост Пељешац. Тој е еден од најголемите проекти во Хрватска, и чини 420 милиони евра, финансиран од Европската унија.

Мостот по четири години е веќе пуштен за сообраќај, и го поврзува југот на Хрватска со останатиот дел од земјата.

Мостот Пељешац е поставен на дванаесет столбови и е со вкупна должина од 2,4 километри, висина 55 метри и широк 23,6 метри. За неговата изградба беа потребни речиси 70.000 тони челик и исто толку бетон.

За време на огнометот, преку мостот поминаа два автомобили од хрватско производство – електричната Невера на Мате Римац и автомобил конструиран од познатиот автомобилски ас Нико Пулиќ, сето тоа придружено со звукот на дубровничките тромбонисти и биењето на сите црковни ѕвона во Дубровничката епархија.

Возењето од правец на Сплит кон Дубровник претходно се поминуваше низ Неум, единствениот град во Босна и Херцеговина што излегува на Јадранско море, со што требаше да се помине два гранични премини. Со новиот мост, тоа ќе се избегне, бидејќи ги поврзува Комарна, место на копнената страна на Хрватска, а во близина на границата со Босна и Херцеговина, и Бријеста, град на полуостровот Пељешац.

Scroll to Top