Нови Сад е уште една од популарните дестинации за време на божиќните празници. Овој град секое лето е место што ги обединува туристите од целиот свет поради познатиот музички фестивал „Егзит“, но пред неколку години стана дестинација што нуди посебно доживување и за време на зимските празници.
Собирното место во Нови Сад е плоштадот Трг слободе, каде што се поставени куќарки во кои се продаваат варено вино, колбаси, гурмански деликатеси, препознатливи само за овој период од годината. Годинава ќе има 30-ина куќи во кои ќе може да се ужива во варено вино, топло чоколадо, колачи и разновидна храна, како и да се купат сувенири и божиќни украси. Една од омилените атракции за многумина е новогодишната ретрокочија, со која може да се возите низ украсениот Нови Сад, а има и специјално уредени инстаграм-места за фотографирање. Сето ова се одвива под покровителство на фестивалот наречен „Нови Сад зимзоленд“, кој од 1 до 28 декември ќе донесе разновидна дневна и вечерна музичка програма, како и многубројни претстави и работилници за деца. Покрај забавата на главниот градски плоштад, новосаѓани подготвуваат и богата музичко-гастрономска програма пред трговскиот центар „Променад“, каде што ќе се одржи фестивалот „Божиќна магија“. За атмосферата на двете локации заслужни ќе бидат детските хорови, кои на уникатна сцена во форма на елка ќе пеат божиќни песни, а за викендите концерти ќе одржат популарни новосадски бендови и диџеи.
Магично место недалеку од центарот на градот е паркот „Дунав“, кој е еден од најпознатите симболи на Нови Сад. Во текот на декември и јануари овој парк станува уште помагичен бидејќи се претвора во т.н. ледена шума, атракција што ја посетија над сто илјади туристи од Србија и странство. Патеките на паркот „Дунав“ стануваат лизгалиште како од бајка, кое го опкружува езерото во центарот на паркот, а дрвјата украсени со светла ја заокружуваат празничната атмосфера и го прават овој парк прекрасна локација за фотографии. Лизгањето е бесплатно во работните денови во утринските часови за деца до 12 години, а за оние што сè уште не ја испробале оваа зимска активност, организираат и бесплатна школа за лизгање. Заедно со лизгалиштето има и покриена сцена, на која се одржуваат концерти и настапи на диџеи и 20-ина куќи, во кои може да се загреете со топли напивки и вкусна храна. Има и зимски базар, каде што можете да купите војводински специјалитети и ракотворби од локални уметници и занаетчии.
Љубителите на музичката уметност ќе бидат исполнети со божиќно-новогодишни концерти. Многубројни регионални и меѓународни уметници ќе настапат на неколку градски локации, во Синагогата, Српскиот народен театар и во галеријата „Матица српска“. На пример, на 16 декември регионално популарната ѕвезда на севдах, Амира Медуњанин, ќе настапи во Српскиот народен театар, во придружба на Симфонискиот оркестар на Војводина, а на 28 декември е закажан новогодишен гала-концерт, каде што, според некои, најголемиот виолончелист на денешницата, Израелецот Миша, ќе настапи со Војводинскиот симфониски оркестар.
Новосаѓани ја подготвуваат и традиционалната новогодишна ноќ на отворено. Годинава пречекот ќе се одржи во предградието на Петроварадинската тврдина, најпознатиот симбол на градот.
Ако сепак сакате да побегнете од преполните градски улици и плоштади оваа празнична сезона, можеби ќе сакате да ја посетите околината на Нови Сад. На само десет километри од градот се наоѓа Фрушка Гора, најстариот српски национален парк и поранешен остров во Панонското Море. Околу 97 % од областа на Фрушка Гора е составена од шуми, што ја прави омилена дестинација за тркачи и планинари. Таму напролет се одржува маратонот „Фрушка Гора“, една од најстарите европски трки на патека, која собира илјадници луѓе. Но, љубителите на активниот живот не мора да ја чекаат пролетта бидејќи на 24 декември се одржува „Зимската патека“, натпревар што ги собира ентузијастите за патека, трчање, планинарење и нордиско пешачење. Стартот на трката е на Иришки венац, а учесниците може да се обидат на две патеки долги 10 и 17 километри. Пријавувањето е можно до 16 декември.
Фото: Александар Милутиновиќ и Душан Димиќ