Филип Иванов од Велес е пастор во Евангелиската Црква и моментално престојува во Уганда.
Тој таму пристигна пред неколку денови и има богослужби, поминува време со децата од сиропиталиштето и училиштето во местото Кагома, а сега е на кампување во шатор во џунглата во местото Њабулико.
Филип таму бил дочекан како вистински херој, децата му се радуваат и за почит кон него го вееат македонското знаме.
„Ова се дел од децата во училиштето тука во „џунглата“, во Њабулико. Училиштето обезбедува образование за повеќе од тристотини дечиња, кои поинаку не би имале пристап до тоа. Кога првпат стапнав овде, во 2012-тата, ова беше празна земја, немаше ништо. Се доаѓаше само со мотор, толку беше широк патот. Јас бев првиот белец што зачекорил во овие краишта, па децата се плашеа и да се поздрават со мене. Сега, благодарение на Бога и дарежливоста на Неговиот народ, има црква, девет училници, тоалети и неколку помошни објекти. Купивме и резервоар за вода, да не треба да пешачат по неколку километри да наполнат вода. Минатата година земавме и соларни панели да имаат осветлување. Сега ќе купиме додатни клупи, училишни материјали и храна, а се надеваме да ги поставиме темелите и за нови три училници“, раскажува Филип.
Потфатот на Филип, тамошните луѓе го нарекле „Македонско-Афричка Беженствена Организација“.
Филип сподели на социјалните мрежи како изгледаат утрата во Африка.
„Афричко изгрејсонце, кафе и Афрички див мед… Ако ова не е благослов и награда, не знам што е. Барем за мене. И да, сум пробал и од дивиот мед на Атиџе, ама ова е друг вид на „дивина““, вели Филип.