Виена пак е избрана за најдобар град за живеење во светот

По три години, Виена си го поврати статусот на најдобар град за живеење на светот. Досегашниот лидер Оукленд падна на 34. место поради ковид-рестрикциите, пишува во годишниот извештај на Economist Intelligence Unit.

„Виена, која на ланското рангирање беше на 12. место по затворањето на музеите и рестораните, се врати на врвот, каде што беше и во 2018 и 2019 година. Стабилноста и добрата инфраструктура се главните предности за неговите жители, покрај добрата здравствена заштита и мноштвото можности за култура и забава“, стои во извештајот.

Европските градови заземаат шест од првите десет места. Зад Виена се Копенхаген и Цирих, па Калгари, Ванкувер, Женева, Франкфурт, Торонто и Амстердам, а Осака и Мелбурн ја делат 10. позиција. Лани на првите три места беа Оукленд, Осака и Аделаида.

Истражувањето опфати 173 града, а на дното завршија Дамаск, Лагос и Триполи. Киев овој пат не беше анализиран поради актуелната војна.

Scroll to Top