Во Бангкок пронајдени фосили стари 66 милиони години

Во пешачка патека пред трговски центар во Бангкок се пронајдени 70 школки, кои се идентификувани како фосили од морски суштества кои живееле пред повеќе од 66 милиони години, потврдија тајландски стручњаци.

Нив прв ги забележал случаен минувач. Фосилите во облик на праисториски полжав со пречник до 12 сантиметри биле расфрлани по должина од 400 метри низ тротоарот пред трговскиот центар „Сијам сквер“. Палеонтолози од Министерството за природни ресурси и животна средина сега ги проучуваат школките и откриле дека има 77 фосили од амонити, но се верува и дека се невообичаени за Тајланд.

„Амонитите се морски суштества за коишто се верува дека исчезнале пред 66 милиони години. Но, овие фосили се различни од оние што вообичаено се наоѓаат во Тајланд“, рекол Прича Сајтонг, директор на Одделот за заштита на фосили.

Локалните медиуми објавија дека тротоарот бил поправен пред две години и дека школките можеби биле ставени во бетонот како украс од страна на подизведувачот. Фосилните мекотели кои го населувале океанот пред милиони години се продаваат како сувенири во повеќе популарни туристички дестинации ширум светот, како Мадагаскар и Мароко.

Scroll to Top