Во Гранада пивото е само 2 евра, а музеите се бесплатни, затоа е и најевтин град во Европа

Гранада во Шпанија е најевтиниот град за одмор во Европа, пишува сајтот за патувања „Омнио“. Сместен во јужниот дел на земјата, овој град е лесно пристапен и идеален за луѓето кои патуваат со ограничен буџет.

„Омнио“ избра 100 најпопуларни дестинации за патување низ Европа, а како најзначаен фактор ја зел цената. Градовите биле рангирани врз основа на бројот на бесплатни атракции, пристапност на локален превоз, цена на храната и пијалаците.

Гранада дава можност за дури 112 бесплатни активности, а тоа вклучува и посета на 10 бесплатни музеи. Пивото во повеќето барови не е поскапо од 2 евра, а туристички разглед на градот е околу 6 евра. Автобускиот билет е еден од најевтините во Европа и чини 1,40 евра.

Гранада е позната и по бројните фонтани, а во градот има дури 143 јавни фонтани.

Тврдината Алхамбра е главната туристичка атракција. Изградена е како ѕидана цитадела, а потоа станала луксузна резиденција на Насридскиот емир. Една од историските атракции во Гранада е катедралата, импозантната градежна структура со готски, ренесансни и барокни елементи на архитектура чие градење траело повеќе од 180 години.

Гранада неодамна била поврзана со поголем дел градови во Шпанија со нов и брз воз. Патниците можат да тргнат од Мадрид и да стигнат во овој андалузиски град за три часа или четири часа од Севилја.

Scroll to Top