Во Сирија пронајден римски мозаик стар 1600 години

Редок римски мозаик стар 1.600 години е пронајден во недопрена состојба во централна Сирија. Мозаикот со димензии 20×6 метри е пронајден под зграда во близина на градот Хомс, кој до 2018 година го држеа бунтовниците за време на граѓанската војна. Либански и сириски бизнисмени ја купиле старата зграда, која датира од 4. век, и ѝ ја донирале на државата.

За мозаикот се вели дека е најредок од ваков вид бидејќи прикажува митски сцени, вклучувајќи ги Тројанската и Амазонската војна.

Многу од археолошките богатства во Сирија се оштетени по повеќе од еднодецениската војна. Но, најновото откритие се опишува како најважно археолошко откритие од почетокот на конфликтот во 2011 година.

„Она што е пред нас е откритие кое е ретко на глобално ниво“, изјави Хаман Саад, висок функционер во Генералниот директорат за музеи и антиквитети на Сирија за АП. Тој додаде дека мозаикот е богат со детали, а го прикажува римскиот бог на морето Нептун и неговите 40 љубовни, како и Херакле како ја убива амазонската кралица Хиполита.

Археолозите Сирија ја сметаат за ризница, бидејќи е дом на некои од најдобро зачуваните реликвии на древните цивилизации, вклучувајќи ја џамијата Омајад во Дамаск и античкиот град Палмира. Но, многу од тоа е уништено или ограбено во граѓанската војна. Во 2015 година групата Исламска Држава ја зазеде Палмира предизвикувајќи пустош во градот. Потоа Русија ја ослободи Палмира.

Хаосот го поттикна и црниот пазар на помали предмети како што се монети и статуетки.

Scroll to Top