Спасен е коњот од Дебар Маало, кој беше забележан на тераса од напуштена зграда. Од скопската зоолошка градина велат дека коњот е пренесен и му е обезбедена соодветна грижа и нега.
„Вчера на неколку портали беше објавено дека во Дебар Маало има коњ на тераса од стан во напуштена зграда, а полицијата добила и неколку пријави од граѓани. Колегите од Скопје ЗОО, заедно со директорот Кристијан Стаменов, МВР и инспектор на АХВ излегоа на терен и ја започнаа спасувачката мисија на коњчето кое за жал било врзано во руинираниот објект и оставено без храна и вода. Доцна вечерта коњот беше пренесен во Скопје ЗОО каде што ќе му обезбедиме ветеринарна грижа и најдобра нега“, соопштија од Скопје ЗОО.
Од таму апелираат да не се измачуваат овие животни и што поскоро да се направи план на централно ниво за што поголема благосостојба на коњите.