Грижливо селектираната програма, покрај императивот за одржување на високиот интернационален рејтинг на фестивалот и традицијата тој да го претстави најдоброто од светот на џезот и импровизираната музика, годинава ја повикува публиката на будно следење на вредните концертни настани во согластност со мотото на Гард Нилсен Суперсоник Оркестра: „Ако слушаш внимателно, музиката ќе биде твоја!“. Единаесет светски етаблирани состави од САД, Европа, Бразил и Македонија ќе  ја претстават својата музика во Националната опера и балет и во МКЦ. Програмата, распоредена во четири вечери, е исклучително силна, разновидна и исполнета со низа ексклузивни настапи на некои од најголемите имиња на современиот џез и креативната музика денес.

Фестивалот годинава ќе го отвори ексклузивната премиерна изведба на делото „After the Wildfire”, специјално, исклучиво за оваа прилика, компонирано од норвешките џез ѕвезди Арве Хенриксен и Јан Банг како солисти, заедно со перкусионистот Ингар Зак. Музиката е аранжирана и под диригентство на Џијан Емин за Fame’s Institute Orchestra, а во изведбата ќе бидат вклучени и неколку познати македонски пејачки и кавалџии.

Истата вечер во МКЦ ќе настапи култниот композитор, корнетист, пејач, поет и еклектичен ерудит Бен Ламар Геј со неговиот ансамбл. Станува збор за еден од најоригиналните џез-уметници денес, претставник на инспиративната чикашка музичка сцена и потписник на водечката издавачка етикета во светот кога е во прашање современата креативна музика – International Anthem. Звукот на Геј поседува уникатен, препознатлив стил што тој го нарекува ‘Pan-American’, со широк спектар на влијанија: од џез до фанк, од R&B до тропикалија и од хип хоп до електро и современа класика.