Затемнувањето на Сонцето денес преку телескоп ќе може да се гледа и од скопскиот плоштад

Денеска на плоштадот „Македонија“ ќе биде поставен телескоп преку кој граѓаните ќе можат да го гледаат делумното затемнување на Сонцето.

Настанот ќе почне во 11 часот и 27 минути по локално време, кога Месечината ќе почне да го поклопува Сонцето, информираат од скопското астрономско друштво.

„Максимумот од околу 30 проценти ќе се случи во 12:34 часот, а целиот настан ќе заврши во 13:42 часот. Нашето друштво со дел од својата опрема ќе биде на плоштадот Македонија, во Скопје во текот на целиот настан. Таму ќе можете безбедно преку соодветна опрема на телескопите одблизу да го погледнете ова несекојдневно случување“, велат од скопското астрономско друштво.

Оттаму предупредуваат граѓаните да не го гледаат затемнувањето без соодветна заштитна опрема, особено не преку какво било оптичко помагало, зошто може да има многу несакани последици.

Фото: Фејсбук – Скопско астрономско друштво

Scroll to Top