Српската музичка ѕвезда Жељко Самарџиќ со македонска песна го отвори 36. издание на традиционалниот фестивал „Фолк фест Валандово“.
Освен неговите хитови, Самарџиќ публиката насобрана на плоштадот во Валандово ја поздрави со неколку македонски народни песни, „Како што е таа чаша полна со вино“, „Ако умрам ил загинам“ и „Македонско девојче“.
Присутните играа и во еден глас ги пееја песните, а најсилен аплауз српскиот пејач доби за изборот на македонските песни.
Градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов беше во друштво на директорката во Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска и министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.
Првата вечер се одржа синоќа на градскиот плоштад, а натпреварувачката вечер ќе се одржи в недела. Освен Самарџиќ настапија и „Распеани валандовчани“ и Јоце Панов.
Вечерва на истата сцена ќе настапат Ефто Пупиноски, „Куку Леле“ и српската пејачка Ана Бекута. Натпреварувачката вечер ќе се одржи во недела, во салата „Јанко Узунов“, а влезниците се продаваат по цена од 150 денари.
На овогодишниот Фолк фест Валандово ќе бидат изведени 20 новокомпонирани народни песни, а прва ќе настапи Анета Молика.
Фото: Фејсбук Перо Костадинов