Зоран Кесиќ ќе има шоу во Скопје

Најпопуларнито телевизиски водител во регионот, Зоран Кесиќ на 24-ти април ќе има свое шоу во Филхармонија. Тој премиерно ќе настапи со неговата приредба „Приказни и песни“ која изминатите 6 години има патувано на 3 континенти со повеќе од 50 изведби.

Приказни и песни затоа што Кесиќ зборува и пее, а приредба затоа што „Приказни и песни“ е малку стенд-ап, малку претстава, малку прес-конференција, малку музички концерт, малку основачко собрание – значи приредба.

Во целовечерната изведба тој разговара и пее за безброј разновидни теми од политика до медитација. Секоја е обоена според местото на изведбата, моменталниот амбиент и моменталното расположение на изведувачот, и секој е единствен настан кој во таа форма ќе се случи тогаш и никогаш повеќе.

Зоран Кесиќ е српски комичар, политички коментатор, ТВ водител и новинар кој е добро познат во Македонија и регионот. Тој е автор на популарните хумористични емисии „Озбиљне вести“, „Дезинформатор“, „Фајронт република“ и на политичката сатира и воедно најгледаната забавна емисија во Србија „24 минути“.

Билетите се веќе во продажба онлајн и во продажните места на „Мктикетс“.

По двата успешни распродадени настапи на популарниот холивудски актер Никола Ѓуричко, Таксират Фестивал во соработка со „Скопје Комеди“ го носи Кесиќ во Скопје.

 

Scroll to Top