ЈКП Комуналец: Запуштената ливада пред салата „Македонија“ во Прилеп претворена во парк за спорт и одмор

Просторот пред спортската сала „Македонија“ во Прилеп доби нов изглед. Некогаш запуштената ливада е уредена во парк со обновена фонтана, осветлување и скејт-парк, наменет за спорт, рекреација и одмор на граѓаните.

Од ЈКП „Комуналец“ – Прилеп информираат дека уредувањето е реализирано со заеднички ангажман на претпријатието и Општина Прилеп.

Во рамки на активностите е поставено ново осветлување и водоводна мрежа, а постојната урбана опрема е поправена и бојадисана. Целосно е обновена и фонтаната, која повторно ќе биде дел од уредениот простор.

Дел од паркот е и скејт-паркот, наменет за спортски активности и рекреација. Од комуналното претпријатие истакнуваат дека ваквите површини се значајни за младите, бидејќи им овозможуваат место за дружење и физичка активност.

Оттаму апелираат посетителите одговорно да го користат обновениот простор, да се грижат за чистотата и да ја чуваат опремата. Особено повикуваат скејт-паркот да не се оштетува и да не се испишува со графити.

„Заедно можеме многу повеќе, зашто чисто е убаво!“, порачуваат од ЈКП „Комуналец“ – Прилеп.

Scroll to Top