Градоначалникот на Општина Пробиштип, Тони Тоневски, денеска информираше дека е потпишан договорот за реализација на проектот со кој се предвидуваат значајни инвестиции во СОУ „Наум Наумовски-Борче“.
Проектот опфаќа подобрување на условите за одвивање на наставата, како и целосна реконструкција на училишното ракометно игралиште.
Во училиштето ќе бидат набавени и поставени новиот и резервниот котел, со што треба да се обезбеди посигурно, поефикасно и непречено греење во текот на зимскиот период за учениците и за наставниот кадар.

Со реконструкцијата на ракометното игралиште е предвидено поставување нова спортска подлога, обнова на заштитната мрежа, санација на трибините и поставување нови столчиња. Игралиштето ќе добие и нови рефлектори, со што ќе се овозможат подобри услови за тренинзи, натпревари и други спортски активности.
Вкупната вредност на проектот изнесува 4.679.290 денари. Најголемиот дел од средствата се обезбедени од Центарот за развој на Источниот плански регион, преку Бирото за рамномерен регионален развој, додека околу 180.000 денари ќе бидат издвоени од буџетот на Општина Пробиштип.
За изведувач на предвидените работи е избрана компанијата „Коп Инженеринг“, додека стручниот надзор над реализацијата на проектот ќе го врши „Евро Консалтинг“.
„Ова е уште една инвестиција во образованието, спортот и иднината на нашите млади“, порача Тоневски.
Тој најави дека Општина Пробиштип и во следниот период ќе продолжи со реализација на проекти во повеќе области, со цел подобрување на условите за живот и создавање поквалитетна средина за сите граѓани.
Извор: Објава на градоначалникот на Општина Пробиштип, Тони Тоневски.






