Аланис Морисет повторно се соочува со сериозна правна битка со човек од сопствениот професионален круг. Канадската пејачка поднела тужба против својата поранешна турнеја-менаџерка Керен Уринoв, обвинувајќи ја дека се обидела да ја уценува и да ја вмеша во случај со дрога.
Според тужбата поднесена во Лос Анџелес, Морисет тврди дека Уринoв се обидела да ја принуди на нов 15-годишен работен договор со значителна финансиска компензација, откако претходно била сопрена на аеродром во Велика Британија.
Обвиненијата засега се само наводи од тужбата, а адвокатот на Уринoв категорично ги отфрла и тврди дека неговата клиентка сака случајот да се расчисти пред суд.
Спорната торба и наводите за дрога
Според судските документи, проблемот започнал додека Уринoв патувала со тимот на Морисет на светска турнеја кон Шпанија.
На британски аеродром, нејзиниот багаж наводно бил задржан, а во него биле пронајдени марихуана и ксилазин – седатив кој во уличната употреба е познат како „tranq“.
Во тужбата се наведува дека Уринoв првично им кажала на британските гранични власти дека супстанциите се нејзини.
Подоцна, според Морисет, Уринoв и нејзиниот адвокат испратиле серија писма во кои наводно барале пејачката да им каже на британските власти дека дрогата всушност ѝ припаѓала нејзе.
Тимот на Морисет ова го опишува како обид за уцена.
Морисет бара над 75.000 долари отштета
Во тужбата пејачката бара компензација поголема од 75.000 долари.
Нејзините адвокати наведуваат дека таа нема да дозволи да биде „принудена да му исплати огромна сума на човек што ја уценува“ и дека со тужбата сака да го разоткрие наводниот план и да побара одговорност.
Од другата страна, адвокатот на Уринoв изјавил дека таа „целосно ги отфрла сите обвиненија за уцена“ и дека не сака исплата, туку расчистување на сопственото име.
Не е првпат Морисет да се почувствува предадена од човек кому му верувала
Случајот предизвика дополнително внимание бидејќи ова не е првпат пејачката да се најде во спор со човек кој управувал со дел од нејзината кариера или финансии.
Во 2017 година нејзиниот поранешен бизнис-менаџер Џонатан Тод Шварц призна дека украл околу 4,8 милиони долари од Морисет.
Тој признал дека меѓу 2010 и 2014 година фалсификувал финансиски записи и пренасочувал средства.
Во поширокиот случај, Шварц признал проневера од вкупно околу 7,2 милиони долари од Морисет и други клиенти.
Подоцна бил осуден на шест години федерален затвор по обвиненија за електронска измама и даночни престапи.
Поранешниот менаџер: „Таа сака да им верува на луѓето“
Шварц сега јавно проговори за Морисет и рече дека според него пејачката по природа е човек кој сака да им верува на луѓето околу себе.
„Мислам дека таа премногу се потпира на некои од професионалците околу себе и, кога еднаш ќе стекнат доверба, не ги преиспитува доволно“, изјавил тој.
Шварц призна дека токму тој ја злоупотребил таа доверба.
Тој тврди дека е трезен веќе десет години, дека ја презема целата одговорност за своите постапки и дека длабоко жали поради она што ѝ го направил.
Предупредување за славните: Потребна е поголема финансиска контрола
Поранешниот менаџер вели дека неговиот случај треба да биде предупредување за познатите личности.
Во времето кога работел за Морисет, имал полномошно и можност да потпишува чекови во нејзино име.
Денес вели дека такво ниво на финансиски пристап не треба да зависи само од доверба.
Тој советува големите трансакции да бараат двојно одобрување и дополнителни механизми на контрола.
Морисет низ годините отворено зборуваше и за личните борби
Покрај правните проблеми, Морисет во минатото отворено зборувала и за тешки периоди од својот приватен живот.
Таа има три деца со сопругот Марио „Souleye“ Тредвеј и претходно зборувала за сериозни епизоди на постпородилна депресија по раѓањето на своите постари деца.
Пејачката исто така јавно зборувала и за борбата со нарушување во исхраната во тинејџерските години и за начинот на кој подоцна го променила односот кон исхраната и сопственото тело.
Кариера што трае повеќе од три децении
Морисет стана светска ѕвезда во 1995 година со албумот „Jagged Little Pill“, еден од најуспешните албуми на 1990-тите.
Од него произлегоа песни како „You Oughta Know“, „Ironic“, „Hand in My Pocket“ и „You Learn“, кои останаа меѓу нејзините најпрепознатливи хитови.
Албумот подоцна беше адаптиран и во бродвејски мјузикл, а Морисет оваа година беше примена во Songwriters Hall of Fame.
Иако нејзините подоцнежни албуми не го достигнаа комерцијалното влијание на „Jagged Little Pill“, нејзиниот статус на една од највлијателните пејачки и авторки на својата генерација остана непроменет.
Денес таа продолжува да настапува низ светот и да соработува со помлади музички ѕвезди, но новата тужба повторно го отвори прашањето колку тешко може да биде да се задржи довербата во луѓето кои стојат најблиску до една голема кариера.






