Аријана Гранде повторно го привлече вниманието на јавноста, откако беше забележана во друштво на својот поранешен партнер Рики Алварез, само неколку недели по веста дека ја прекинала врската со актерот Итан Слејтер.
Фотографиите што се појавија на социјалните мрежи ја прикажуваат 33-годишната поп-ѕвезда во ресторан во Остин, Тексас, каде насмеана разговара со Алварез. Средбата веднаш предизвика шпекулации дека двајцата можеби повторно се заедно.

Сепак, извор близок до пејачката за TMZ ги демантираше ваквите гласини, нагласувајќи дека Гранде само го прославувала својот 33. роденден со пријатели и дека меѓу неа и Рики Алварез „нема ништо романтично“.
Според истиот извор, Аријана, која моментално престојува во Остин во рамки на турнејата „Eternal Sunshine“, одвоила време и за фотографирање со обожавателите.
Ова не е првпат Гранде и Алварез да бидат видени заедно по нивното раскинување. Во 2019 година тие исто така беа фотографирани во Њујорк, по што се појавија шпекулации дека повторно се во врска. Тогаш Аријана експресно ги негираше гласините, објавувајќи дека не е во врска со никого.

Аријана Гранде и Рики Алварез започнаа романса во 2015 година, кога тој беше танчер на нејзината турнеја „Honeymoon Tour“. По разделбата останаа во добри односи, а пејачката дури го спомена и во својот хит „Thank U, Next“ од 2019 година, пеејќи: „Напишав неколку песни за Рики, сега ги слушам и се смеам“.
Средбата со поранешниот партнер доаѓа само неколку недели по информациите дека Аријана и актерот Итан Слејтер ставиле крај на својата врска.
Извор за Page Six откри дека двајцата раскинале пред неколку месеци, но останале блиски пријатели.
„Одлуката не ја донесоа лесно. Сфатија дека подобро функционираат како пријатели отколку како романтични партнери. Меѓу нив и понатаму постојат голема почит и восхит“, изјавил изворот.
Исто така, било наведено дека Аријана е целосно посветена на својата турнеја „Eternal Sunshine“ и на подготовките за новиот албум „Petal“.
Гранде и Слејтер се запознаа во 2022 година за време на снимањето на филмот „Wicked“. Во тој период Итан сè уште беше во брак со Лили Џеј, со која има син, додека Аријана беше во брак со агентот за недвижности Далтон Гомез.
Иако нивната љубовна приказна привлече огромно медиумско внимание, според извори, разделбата поминала во пријателска атмосфера, а последната средба со Рики Алварез, како што тврдат блиски лица, не претставува обнова на старата романса, туку дружење меѓу долгогодишни пријатели.






