Новиот филм „Одисеја“ на Кристофер Нолан не само што ги полни киносалите, туку веќе се смета за еден од најголемите филмски спектакли на годината. Според првичните проценки, филмот би можел да заработи околу 100 милиони долари уште за време на првиот викенд од прикажувањето, а многу обожаватели патувале стотици, па дури и илјадници километри за да го гледаат токму во IMAX формат.
Но, зад спектаклот стојат и необични правила кои важеле за целата екипа.

Нолан е познат по својата дисциплина, а снимањето на „Одисеја“, инспирирана од епската поема на Хомер, било организирано така што актерите речиси живееле како да се наоѓаат во 8 век пред нашата ера.
Во филмот играат Мет Дејмон, Ен Хатавеј, Том Холанд, Зендеја, Шарлиз Терон, Лупита Нионго, Џон Легуизамо, Роберт Патинсон, Џон Бернтал и многу други познати актери.

Едно од најнеобичните правила било целосната забрана за користење мобилни телефони на снимањето. Освен тоа, не биле дозволени ниту пластични шишиња со вода бидејќи создавале непотребна бучава, а самиот Нолан признава дека не дозволува ниту UGG чизми на сетот.

И самиот режисер живее многу едноставно. Тој не користи паметен телефон, нема електронска пошта, комуницира преку стар преклопен мобилен телефон, а дури одбива и режисерско столче, бидејќи смета дека така останува постојано активен и фокусиран.
„Со забраната на мобилните телефони сака луѓето целосно да бидат концентрирани на филмот. Нолан сака филмовите да се снимаат на старомоден начин, каде сите се посветени само на работата“, објасни Џејсон Еберл, коуредник на книгата „Филозофијата на Кристофер Нолан“.

Актерката Лупита Нионго, која ги игра Хелена Тројанска и нејзината сестра Клитемнестра, вели дека атмосферата на снимањето е сосема поинаква од онаа на другите холивудски продукции.
„Кога нема телефони, сите се присутни, фокусирани и подготвени. На снимањето на Крис Нолан владее сосема поинаква енергија“, изјави таа.
И самиот Нолан објасни дека настојува максимално да ги елиминира сите можни одвлекувања на вниманието.
„Се обидувам да ги сведам на минимум сите работи што можат да ја нарушат концентрацијата. Од актерите бараме да поверуваат дека светот околу нив е вистински и затоа правиме сè таа илузија да остане недопрена“, рече режисерот.

Овој пристап бил особено важен бидејќи „Одисеја“ е првиот холивудски филм снимен целосно со IMAX камери на 70-милиметарска филмска лента. Тоа значело дека снимањето морало да се прекинува речиси на секои три минути за промена на филмската лента.
И покрај тоа, продукцијата завршила многу побрзо од планираното. Наместо предвидените 100 снимачки денови, филмот бил завршен за само 91 ден, при што, според Нолан, буџетот не бил надминат.
Снимањето се одвивало во Грција, Италија, Исланд, Шкотска, Малта и Мароко, а за потребите на филмот бил изграден вистински викиншки брод кој пловел по Средоземното Море.
Пловидбата, сепак, не била лесна. Дел од актерите добиле морска болест, а некои сцени биле снимени додека навистина повраќале преку палубата.
„Не секој има луксузни гардероби или патува во прва класа. Нолан штеди на работи што не влијаат на квалитетот на филмот, а секој долар го вложува во она што ќе го направи филмот подобар“, откри извор од Холивуд за Page Six.
Меѓу најимпресивните сцени е онаа со легендарниот Тројански коњ, кој е прикажан половина потопен во студеното море, додека актерот Џон Бернтал со часови бил навистина затворен во неговата внатрешност.
Во уште една спектакуларна сцена, Нолан одбил да користи компјутерски ефекти и наместо тоа изградил џиновска кукла висока околу 18 метри која го претставувала едноокиот циклоп Полифем. Сцените биле снимени во пештера осветлена исклучиво со вистински оган.
Сосема поинаков предизвик претставувало снимањето на подземниот свет, каде Мет Дејмон како Одисеј се спушта во царството на мртвите. Овие сцени биле снимени на Исланд за време на таканаречените „бели ноќи“, кога сонцето речиси никогаш не заоѓа.
Мет Дејмон признава дека ова му било убедливо најтешкото снимање во кариерата.
„Тоа е најтешкиот филм што сум го снимал. Пред почетокот Нолан ми рече дека снимањето ќе биде тешко. Потоа ме погледна и повтори: ‘Не, навистина ќе биде многу тешко’“, изјави актерот, кој за време на снимањето речиси се удавил во една од сцените.
„Одисеја“ е трета соработка на Дејмон со Нолан, по „Интерстелар“ и „Опенхајмер“, филмот кој во 2024 година освои седум Оскари, меѓу кои и првите две статуетки на Нолан за најдобар режисер и најдобар филм.
Во текот на кариерата, филмовите на Кристофер Нолан освоиле вкупно 18 Оскари и заработиле повеќе од шест милијарди долари ширум светот.
„Се чувствувам одговорен на публиката да ѝ понудам што е можно повеќе вистински сцени, реални декори и незаборавни филмски искуства“, вели Нолан.
Младиот актер Раими Ланг, кој во „Одисеја“ го игра тинејџерот Антиној, смета дека токму тоа го прави режисерот еден од најголемите во современата кинематографија.
„Тој има неверојатна способност да создаде огромен спектакл, а притоа никогаш да не ја изгуби човечката страна на приказната. Во секоја сцена се гледа колку внимание посветува на секој, дури и најмал детаљ“, изјави Ланг.






